„Треба да сме свесни дека како членка на НАТО треба да ја држиме армијата во форма, и тоа не треба да биде проблем, туку мотивација. Замената на старото советско оружје со ново западно оружје треба да биде приоритет и на новата Влада“ вели Андреј Лепавцов, поранешен македонски амбасадор во ЕУ во најновото издание на Трилинг.
Лепавцов за евентуалната промена во Белата куќа во САД, односно доколку Трамп дојде на претседателската функција на местото на Бајден вели „надворешната политика на САД е комплексна. Трамп во првиот мандат имаше обид да ја наметне својата политика на Стејт департментот. Јас не верувам дека за НАТО би имало големи промени, но дека ќе продолжат заложбите за зголемување на учеството на европските партнери, пред се финансиска. Не очекувам поголеми промени“.
Дали и колку Алијансата е отпорна, Лепавцов вели „НАТО останува да биде силно. Проблем е што и другите страни, конкретно Русија, прават на НАТО да му се усложнува битисувањето, неговото влијание во светот. НАТО на големата мултиполарност и поделби во светот одговара со уште поголемо засилување на воената моќ“.
За дипломатијата на Виктор Орбан ќе каже: „Препознавам добронамерност и желба за запирање на војната во Украина. Иако пред Самитот на НАТО укажа на можностите за ескалација. Не гледам дека во следните година – две ќе има успех, имаме намалување на комуникација меѓу НАТО и Русија. Има зголемена соработка од друга страна меѓу Русија со Северна Кореја и Кина, јазот се зголемува. Орбан затоа кажа дека нештата не одат во добра насока“.
По фијаското на Макрон на изборите, за тоа дали се става под знак прашање кредибилноста на ЕУ, вели „Франција се обидуваше да се наметне во ЕУ. Европската унија има лидерска криза, што се одразува во немањето одлуки посебно во делот што нас не тангира, а тоа е проширувањето. Подолго време како земји кандидати очекуваме одреден документ кој е многу важен за нас, како ЕУ ќе се прилагоди на проширувањето. Како ЕУ треба да се промени за да може да прими нови членки. Процесот е комплициран, а политичките лидери во Европа не покажуваат доволно капацитет за една одлука за да се продолжи со политиката на проширување“.
„Ние очекуваме да видиме во каква ЕУ ќе влеземе, дали ќе бидеме рамноправни на масата“ рече Лепавцов.
За тоа дали е потребно рестартирање на односите на релација Скопје – Софија, ќе каже „Договорот со Бугарија беше донесен избрзано, а средбата на Мицкоски со техничкиот бугарски премиер во Вашингтон имаше позитивен сигнал. Добро е што има разбирање, но најверојатно Бугарија ќе оди на следни избори. Веројатно ќе почекаме додека Бугарија добие стабилна Влада за да се седне и да се промени наративот кој е контрапродуктивен“.
Лепавцов смета дека „Македонија не е изолирана, таа е дел од НАТО, не станува збор ние да сме изолирани во било каков контекст. За нас е важно да има воспоставување нормален дијалог со соседите. Мора ЕУ да се вклучи поактивно во процесот на медијаторство. Има расположеност за наоѓање начини како да се направи напредок, но и со Бугарија и со Грција самото членство во ЕУ беше начин за притисок за наметнување на нивните историски наративи, а тоа доведе до тоа ние да бидеме доведени во една таква ситуација која ниедна политичка алхемија не може да ја надмине“.