Николоски: Приоритет е домашните компании да работат на изградба на инфраструктурата во Македонија
Моја заложба број еден ќе биде средствата кои што Македонија ги инвестира во инфраструктура да остануваат во Македонија, да работат домашни компании, да се вработуваат луѓе од државата но уште повеќе знаењето на градежниците да останува тука и да се надградува и со тоа искуство да сме компетитивни надвор, истакна министерот за транспорт Александар Николоски на денешната трибина посветена за развој на градежништвото.
Тој изрази жалење тоа што во последните години Македонија заостанува во делот на ангажирање на домашните компании за капитални проекти и во следниот период најави преземање на сериозни чекори таа состојба да се промени.
„Пред нас имаме реализација на големи инфраструктурни проекти. Планирам заедно со ЈПДП да целосно ја откочиме работата на автопатот Охрид – Кичево. Понатаму, да почне да се работи и да се изгради автопатот од Кичево до Букојчани. Очекувам во скоро време исто така со ЈПДП да го завршиме Прилеп – Градско, како и сериозно да се посветиме на реализација на автопатските делници од Тетово до Гостивар, од Гостивар до Букојчани, од Прилеп до Битола и зошто да не да зголемиме со уште некоја друга делница како рационално би ги потрошиле средствата на македонските граѓани”, изјави министерот Николоски.
Во однос на развојот на Железницата, министерот истакна дека приоритет е развојот и модернизација на Коридор 10.
„Имаме различни концепти, но се надевам дека во следниот период и со меѓународните кредитори и со меѓународните донори ќе најдеме заедничко решение да изградиме најефикасна пруга низ која што ќе поминуваат најмногу товарни возови и најмногу патници. Јас мислам дека приоритет број еден за Македонија треба да е Коридорот 10 затоа што тоа е коридор кој што носи пари во Македонија и кој што носи профит во Македонија и тоа е првиот коридор кој што треба да го развиваме заедно со Македонски железници Инфраструктура” истакна Николоски.