Фудбалската репрезентација на Аргентина очекувано се пласира во финалето на Копа Америка.
Актуелниот светски првак ја совлада Канада со 2-0 (1-0) во полуфиналето на континенталното натпреварување, постигнувајќи по еден гол во двете полувремиња.
Избраниците на Лионел Скалони одиграа одличен натпревар, не му дозволија на ривалот воопшто да ги нападне и со головите на Хулијан Алварез и Лионел Меси дојдоа на чекор од нов голем трофеј.
Аргентина поведе во 22. минута кога Родриго де Пол брилијантно го проигра Хулијан Алварез, а напаѓачот на Манчестер Сити покажа дека ќе биде прва ѕвезда на тимот откако Меси ќе се повлече од националниот тим и рутински ги донесе „гаучосите“ во водство.
Дека и понатаму е подготвен да направи разлика во кнационалниот тим на Аргентина, Меси покажа во 51. минута кога ја смести топката во мрежата по ударот на Енцо Фернандез и на тој начин му донесе недостижна предност на својот тим.
Во финалето Аргентина го чека победникот од второто полуфинале меѓу селекциите на Уругвај и Колумбија.