Неизвесно дали 4.400 вработени во „Македонска пошта“, МЖ транспорт и инфраструктура ќе земаат плаат до крајот на годината, бидејќи досегашните раководства ги потрошиле средствата за шест наместо за 12 месеци и затоа за останатите шест месеци се бориме дали воопшто овие вработени ќе можат да земат плата, изјави вечерва министерот за транспорт и врски, Александар Николоски во Струмица.
На новинарско прашање дали овие вработени ќе останат без плата, министерот рече дека нема да дозволи овие семејства да останат без плата, но, како што додаде, мора да се знае вистината.
Посочи дека според ревизорскиот извештај само за автопатот Кичево-Охрид вредноста е зголемена за 190 милиони евра, а за катастрофата во Железницата рече дека нема ниту една локомотива која е во функција.
-Слично нешто се случува со експресниот пат Прилеп-Градско, којшто за време на капмањата Бочварски и Филипче го пуштаа, ама истиот не само што не е пуштен, туку Македонија може да оди на арбитража заради проблеми во реализацијата на договорот, рече Николоски.
За состојбата со изградбата на автопатиштата во државата министерот смета дека има целосни промашувања и затоа тој го поканил МВР сериозно да ги разгледа овие случаи, а исто било и со Железницата каде очекува исто така реакција од МВР.
Инаку, Николоски вечерва присуствуваше на одбележувањето на 34 години од формирањето на ОК на ВМРО ДПМНЕ Струмица.