Маринакис: Не е планирана средба Мицотакис – Мицкоски во Вашингтон

Не е планирана средба, но не е исклучено премиерот на маргините на НАТО самитот, да има билатерални средби, рече портпаролот на грчката Влада – Павлос Маринакис, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина за евентуална средба на премиерите Христијан Мицкоски и Кирјакос Мицотакис на маргините на НАТО Самитот во Вашингтон.

– Не, не е планирана средба, но не е исклучено во рамките на активностите и на маргините на Самитот на НАТО, премиерот да има и некои билатерални средби. Но, нешто планирано, не постои, одговори Маринакис на прашањето на МИА за евентуалната средба Мицотакис – Мицкоски, а речиси идентичен беше одговорот и за можна средба на грчкиот премиер со турскиот претседател.

Според официјалните програми на двајцата премиери и Мицкоски и Мицотакис, освен на Самитот на НАТО и предвидените активности на маргините, ќе присуствуваат и на вечерата во Белата куќа во организација на американски претседател Бајден.

На денешниот редовен брифинг со новинарите, во однос на нашата земја, одговарајќи на новинарско прашање, Маринакис рече дека грчкиот премиер на НАТО Самитот „ќе го покрене на највисоко ниво“ почитувањето на Договорот од Преспа, нешто што и самиот Мицотакис го најавуваше во неговите интервјуа и изјави во изминатиот период.