Западните лидери се подготвуваат за враќање на Трамп, но не знаат што тој ќе направи

Западните лидери силно се подготвуваат за потенцијалното враќање на Доналд Трамп во Белата куќа, а неговиот однос со НАТО е особено значаен за носителите на одлуки во главните градови на земјите-членки на „Алијансата“, пишува „Политико“.

Подготовките за потенцијалното враќање на Трамп може да се поделат во три категории:

Прво, многу западни лидери се обидуваат да остварат личен контакт со Трамп и неговите советници, со цел да изградат лични односи кои ќе помогнат да се минимизира потенцијалниот конфликт.

Второ, има промени во политиката насочени кон смирување на Трамп и неговите сојузници, најмногу со олеснување на поплаките на Трамп за несоодветните европски трошоци за одбрана.

Трето, се работи на „креативни дипломатски и правни мерки“ за заштита на приоритетите на НАТО од „мешање“ од администрацијата на Трамп.

Сепак, и тоа можеби не е доволно, бидејќи на крајот на денот никој не може да знае какви потези ќе преземе Трамп.

„Се разбира, најголемиот предизвик е тоа што не знаеме – и мислам дека никој не знае точно – што ќе направи“, рече неименуван дипломат од земја на НАТО.

Кога Трамп првпат беше избран за претседател, политичката ситуација во светот беше релативно стабилна, поради што многумина на Запад веруваа дека можат да чекаат „ситуацијата во Америка да се стабилизира“.

Камил Гранд, поранешен помошник генерален секретар на НАТО и француски функционер за одбрана, рече дека Алијансата сега му пристапува на Трамп многу поинаку отколку во 2017 година.

„Минатиот пат беше многу полесно бидејќи немаше војна“, рече Гранд, кој ја поддржува коалицијата на францускиот претседател Емануел Макрон. „Сега сме во средина каде што разговорот е навистина, навистина поинаков.

Главното прашање што ги преокупира функционерите во земјите на НАТО во последните месеци е Украина, односно дали Трамп ќе го принуди Киев да преговара со Москва.

Сепак, како што наведува „Политико“, додека многу луѓе блиски до Трамп презентираат различни планови за ставање крај на руско-украинскиот конфликт, не е сигурно дека постои конкретен „таен план“ на администрацијата на Трамп за Украина.

Се повеќе влијателни функционери на земјите од НАТО се обидуваат да воспостават директен личен контакт со Трамп и неговите најблиски соработници. „Трка е да се види кој ќе биде последниот човек што ќе разговара со него пред да донесе одлука“, рече еден од европските претставници на одбраната.