Министерката за образование и наука Весна Јаневска во изјава за „Слободен печат“ вели дека вината е во претходната влада која не ги набавила учебниците, иако излегуваа со соопштенија дека работата е речиси завршена.
Јаневска вели дека наследиле многу проблеми од претходното раководство, а невозможно е да се решат една недела од мандатот.
– Потврдив дека учебници ќе има. Децата ќе имаат од што да учат, но за седмо одделение нема да има нови учебници. Претходната влада не ги набавила, иако соопштуваа дека работата е речиси завршена. За жал, не беа искрени и ги манипулираа граѓаните. Јавноста треба да знае дека времето е кратко и не може целиот процес да биде заокружен до септември, заедно со дистрибуцијата. Јас имав неколку средби со Бирото за развој на образованието. Очекувам да донесеме заедничка одлука за надминување на предизвикот за седмоодделенците. Во секој случај, нема да ја оставиме оваа генерација да нема од што да учи – вели Јаневска.
За тоа каков материјал ќе биде обезбеден за седмооделенците, Јаневска со став:
„Решението за кое говорам, ќе биде само за годинава. Ќе се учи од досегашните, постојни учебници, со одредени дополнувања на материјалот за теми кои претходно ги немало. Имаме стручно мислење дека се компатибилни со целите од учењето и учениците ќе можат да ги постигнат резултатите кои се очекуваат од нив. До следната година планираме да се заокружи ревидирањето на концепцијата и потоа врз основа на нови наставни програми за седмо и погорните одделенија да се продолжи и со изработка на нови учебници. Ако се оцени, измени ќе има и во пониските одделенија, тоа зависи од мислењето на наставниците практичари“.
Јаневска рече дека „од прво до шесто одделение има дистрибуција на учебници, со одредена бавна динамика која инсистирам да се забрза. Зборувам за оние кои се одобрени. А има и неодобрени, односно неизработени учебници и за тие исто така бараме решение. На пример, историја и општество за петто и за шесто одделение, чија содржина ја промашија претходните автори и рецензенти, учебници полни со катастрофални грешки. По странските јазици од прво до шесто исто така нема печатени помагала … За седмо веќе информирав. Верувајте, наследивме многу проблеми кои јавноста не ги знаела и не е возможно да се решат за 7-8 дена од мандатот. Затоа барам трпение и сè ќе дојде на свое место“.