СМС-порака со предупредување за силно невреме добиле денеска жителите од Солун, Лариса и други градови во северна Грција. Порака е испратена и до туристите што се наоѓаат во летувалиштата во овој дел од земјата.
Во пораката од Министерството за климатски кризи и цивилна заштита се наведува дека од раните утрински часови до пладне се очекува лошо време со дожд, град и грмотевици.
„За време на невреме и врнежи избегнувајте преминување на потоци пеш или со возило. Да се внимава при работа и активности на отворено. Треба да се избегнува поминување под големи дрвја и поставени знаци. Не држете ги вклучените електрични уреди или телефони. Избегнувајте допирање на водоводни цевки во кујна и бања, бидејќи тие се спроводници на струја“ – се наведува во предупредувањето, пренесува грчкиот весник „Катимерини“.
Во предупредувањето се додава и дека доколку некој се најде на отворен простор за време на невремето, советот е да се стои подалеку од метални предмети, како што се автомобили, велосипеди или опрема за кампување, и дека ако некој е во морето, веднаш треба да излезе.
„Комисијата за проценка на ризик утринава на итен состанок не извести за опасни временски феномени во четврток“ – рече министерот Василис Кикилијас во вчерашната изјава.
Тој истакна дека ќе има состанок на координативното тело за цивилна заштита, со цел да се постигне максимален степен на подготвеност.
Според прогнозите, најголеми проблеми претпладне ќе има на Халкидики, северна Грција и соседните области, додека од пладне до доцна во ноќта појавите ќе се прошират на Фтиотида, Фокида и Виотија во централна Грција, до Атика, како и во регионите Коринтија и Арголис на Пелопонез.
Температурите се очекува да се спуштат до 28 степени.
Во Солун се очекува променливо облачно со врнежи од дожд и на места силно невреме, а температурите ќе се движат од 20 до 28 степени.