Македонците во Бугарија за Радев: Тој е со двојни стандарди

Заедниците на Македонците во Бугарија реагираат на изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев, со која тој му одговори на македонскиот премиер Христијан Мицкоски за изјавата дека Договорот за добрососедство може да се репреговара. Радев рече оти „на властите во Скопје им недостига познавање на уставно право“.

– Цинизам е претседател на држава кадешто редовно се кршат човековите права и има толку многу, критики од меѓународните институции за правата на човекот и толку многу пресуди во Судот за човекови права во Стразбур да ги изговори овие зборови. Да, Бугарија ги тепаше своите граѓани со македонска самосвест во годините на демократијата и да – имаше напади врз македонски собори и врз македонски клубови – реагираат Македонците во Бугарија.

Разликата е, велат тие, што за тоа во Бугарија апсолутно никој не е суден, ниту осуден, ниту казнет.

– Никој не е дури ниту вербално укорен, во медиумите или од политичари. Не го слушнавме Радев да го осуди нападот врз македонскиот клуб Никола Вапцаров во Благоевград, на пример, а ниту било кој бугарски политичар. Македонските политичари ги осудија нападите во Македонија и судот постапи по случаите. Тоа за Бугарија е несонив стандард – велат во реакцијата.

Прашуваат дали може Радев да посочи еден бугарски државјанин со македонски идентитет кој држи позиција во администрацијата сега или да држел таква во Бугарија во последните 60 години.

– Не може. Таков нема и не може да има. Ние лесно се сеќаваме на луѓе со бугарска самосвест кои држеле исклучително високи позиции во Македонија – Димитар Димитров, Младен Србиновски, Ѓорѓи Трендафилов и други. Радев цитира 150.000 од Македонија кои добиле бугарско државјанство на основа на бугарско потекло. Колку од нив имале високи позиции во Македонија? Еден премиер како Љубчо Георгиевски веднаш доаѓа на ум… Да се претставува тепан од своите другари по криминал како тепан поради својот бугарски идентитет, само покажува колку нема аргументи Радев и колку бескрајно далеку се наоѓа тој од реалноста – велат од заедниците.

Зад реакцијата на изјавата на Радев стојат ОМО „Илинден“ – ПИРИН, ОМО „Илинден“, Правозаштитен комитет „Толеранција“, Друштво на репресираните Македонци во Бугарија, Друштво за заштита на основни човекови права, Граѓанска иницијатива за признавање на македонско национално малцинство во Бугарија и Македонски дискусионен клуб за етничка толеранција.