СДСМ: Вистинските социјалдемократи никогаш нема да ги прифатат повиците од лажните патриоти на ЗНАМ

Вистинските социјалдемократи кои се борат со срце и со душа за остварување на социјалдемократите вредности никогаш нема да ги прифатат повиците на лажните патриоти од ЗНАМ. Максим Димитриевски за неколку фотелји и градоначалничка функција стана слуга и продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски.

Ова е реакцијата од СДСМ на вчерашната порака од портпаролот Никола Мемов на движењето ЗНАМ – За нашата Македонија, кој честитајќи го изборот на Венко Филипче за нов лидер на СДСМ, посочи дека партијата го отвора вратите за нови членови од СДСМ каде што, според него, членуваат многу чесни луѓе, кои ја сакаат Македонија.

„Срамно е и жално да се гледаат поранешни генерални секретари на СДСМ, како министри и послушници во влада која ја водат луѓе што сакаа да ги убијат нивните довчерашни сопартијци. Срамно е за поранешните пратеници на СДСМ да бидат функционери во власта на Мицкоски. Од тоа вистинските членови на СДСМ се срамат и го осудуваат“ – велат од СДСМ.

Тие се единствената вистинска опозиција, како што се вели во соопштението, која се бори да се спречат штетните политики на владата на Мицкоски и неговиот сателит ЗНАМ.