Бугаринот Виктор Стојанов, претседателот на Фондација „Македонија“ со закани кон новинарот и уредник во Канал 5 тв – Александар Видиновски по неговата репортажа за Македонците во Мала Преспа.
Тој навреден од тоа што Видиновски во својот прилог кажува дека таму нема Бугари експлицитно му се заканува дека треба да престане да лаже и дека тоа е кривично дело за кое се оди во затвор.
„Кажувате дека нема Бугари. За тоа се одговара кривично зошто има декларирани 7080 Бугари.Треба ли да лежите затвор за да се научите да не лажете“ стои во коментарот на Стојанов.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги осуди директните закани кон Видиновски и побара од надлежните да постапуваат по очигледна закана по безбедноста на новинарот.
„ССНМ смета дека ‘слободата’ секој на свој начин да го толкува новинарскиот труд и да си зема за право да се заканува по социјалните мрежи и во коментарите на објавените вести, па и во лична комуникација, добива на интензитет и затоа, брза и ефективна реакција на соодветните институции е исклучително важна во делот на сузбивање на веќе востановената пракса. Ваквите форми на притисоци и директни напади врз новинарите и медиумските работници претставуваат и закана за слободното изразување и слободата на медиумите, а лесно може да се претворат во посериозно попречување на работата на новинарите која е од јавен интерес“, стои во реакцијата на ССНМ.