СДСМ ниту од далеку не ја прими пораката на последните парламентарни избори и продолжува да биде партија која е узурпирана од една корумпирана група на луѓе кои ја држат партијата во заложништво, исклучиво за сопствена заштита од сторениот криминал за 7-годишното владеење.
Во СДСМ членуваат чесни и способни луѓе кои ја сакат државата, но партијата повеќе не припаѓа на членството и максимата „Или си СДСМ или не си“ нема никакво значење, смета портпаролот на Движењето ЗНАМ, Никола Мемов.
Мемов денеска на прес-конференција порача дека на Македонија ѝ треба здрава, способна и чесна опозиција која ќе ја коригира власта, а не лидер како Венко Филипче, за кого смета дека е продолжена рака на кланот на Заеви.
– Заради неспособното и криминално владеење тие на последните избори го доживејаа најголемиот пораз од своето постоење, а денеска сме сведоци дека продолжуваат со истиот пристап и истите луѓе кој ги водат кон нов изборен дебакл на следните локални избори – изјави портпаролот на ЗНАМ.
Тој додаде дека е отворена поканата за прием на сите членови на СДСМ кои сакаат да преминат во ЗНАМ, а тие ќе гарантираат дека работите нема да бидат исти во Македонија.
– Има интерес од голем број на членови и функционери да преминат во ЗНАМ. Кај нас има членови и од СДСМ и од други партии, но и луѓе кои досега не биле дел од некоја партија – заклучи Мемов.