Радев го врачи мандатот на ГЕРБ-СДС за формирање влада

Бугарскиот претседател – Румен Радев денеска му го врачи мандатот на Росен Желјазков за да состави влада.

Според Уставот на Бугарија, Радев додели мандат за формирање влада на најголемата пратеничка група, ГЕРБ-СДС.

Кандидат за премиер е Желјазков и самиот го претстави предлог-кабинетот во кој ќе има 19 министри.

„Ова е голема одговорност и тест“, изјави Радев при врачувањето на мандатот за формирање влада на Желјазков.

Радев укажа на високофрагментираниот парламент, како и на неподготвеноста на мнозинството бугарски граѓани да учествуваат на изборите, што неминовно влијае на легитимитетот на институциите.

Желјазков го прочита составот на предлог-кабинетот. Тој потоа побара од шефот на државата да донесе указ и да го претстави кабинетот на Националното собрание.