Невремето во Швајцарија и северна Италија предизвика големи поплави и лизгање на земјиштето, при што загинаа најмалку четири лица, соопштија денеска локалните власти.
Телата на три лица се пронајдени откако се појави лизгање на земјиштето во областа Фонтана во долината на реката Мага во швајцарскиот кантон Тичино, пренесе агенцијата АП.
Невремето и силниот дожд ги зафатија и јужните и западните делови на Швајцарија.
Евакуирани се населените места покрај реката Маџа, а се урна дел од малиот патен мост Вислето. Едно лице исчезнало во блиската долина Лавизар.
Реката Рона се излеа од коритото, поплавувајќи неколку области на кантонот Вале, како и автопатот и железничката линија.
Полицијата соопшти дека имало екстремно силен дожд во долините јужно од Рона, а телото на мажот кој бил пријавен за исчезнат од пријател е пронајден денеска во алпското одморалиште Сас-Грунд.
Уште еден маж се води како исчезнат од саботата вечерта во областа Биен, во долината на Рона, во близина на италијанската граница, соопшти полицијата.
Поплави, грмотевици и одрони погодија и различни региони во северна Италија. Пожарникарите соопштија дека спровеле околу 80 спасувачки операции и евакуирале десетици луѓе во северниот регион Пиемонт.
Помеѓу Монтанаро и Сан Бегно Канавезе, две возрасни лица и едно тримесечно девојче беа спасени откако беа заробени во нивниот автомобил покрај надојдената река Орко, соопштија пожарникарите. Истовремено, неколку села се изолирани поради излеаните потоци, невремето и лизгањето на земјиштето во регионот Вале Д’Аоста.