(Видео) ЕУРО 2024: Швајцарија ѝ одржа фудбалска лекција на Италија

Европа ќе добие нов шампион. Актуелниот првак на стариот континент, Италија, ги заврши настапите на Европското првенство во Германија, откако во првиот осминафинален дуел беше поразен од Швајцарија со 2-0 (1-0). Швајцарците, по одличниот натпревар со Германија во последното коло од групната фаза (1-1), попладнево во Берлин покажаа дека имаат квалитети за големи нешта на овој шампионат и на доминантен начин го елиминираа бранителот на титулата, кој, пак, одново разочара и заслужено ги пакува куферите за дома.

Јакин направи една промена во стартниот тим во однос на претходниот натпревар, додека Спалети ги измеша картите и промени шест играчи, од кои двајца принудно поради суспензии за жолти картони. Во нападот на „аѕурите“ се најде Стефан Ел Шарави, кој за првпат настапи на голем настан со Италија од 2016 година, а друштво му правеја Киеза и Скамака. И покрај поофанзивниот пристап на Италијанците, половина од првото полувреме немаше шут во рамки на голот. И Швајцарија беше многу претпазлива, па публиката во 23 минута им подели свирежи на актерите за нивната деструктивна игра, полна со тактизирање.

Првата сериозна шанса пристигна во 25. минута, кога Емболо излезе еден на еден со Донарума откако избега од офсајд-замката, но италијанскиот голман одбрани маестрално и го сочува својот гол. И се очекуваше Италија да заигра по овој притисок на Швајцарците, меѓутоа не видовме ништо, само еден шут на двајцата напаѓачи Скамака и Ел Шарави.

Се играше 37. минута кога Швајцарија дојде до предност. Варгас го пронајде Фројлер во казнениот простор, а играчот на Болоња биеше во мрежата на Донарума и донесе позитива за аутсајдерот на хартија (1-0). Спалети имаше голем проблем поради овој гол, а работите можеше да бидат полоши ако пред крајот на првиот дел Ридер ја реализираше шансата која повторно ја спречи Донарума и изби во корнер.

Само што започна второто полувреме, следуваше вистински шок за „аѕурите“ и во вода паднаа сите совети на Спалети во соблекувалната. По само триесет секунди игра во продолжението асистентот на првиот гол, Варгас, се најде во позиција да шутира, и тоа го направи велемајсторски. Членот на Аугсбург мајсторски биеше на втора статива и на својата селекција ѝ донесе водство од 2-0.

И по вториот примен гол Италија не успеа да воспостави контрола и да се закани, па Спалети мораше одново да менува. Во игра ги внесе Ретеги на местото на индиспонираниот Барела, па играта на „аѕурите“ конечно живна, а токму Ретеги во 73. минута го испрати првиот директен удар кон противничкиот гол. Зомер успешно интервенираше по ударот на асот на Џенова, а по само една минута швајцарскиот голман имаше многу среќа, откако Скамака ја погоди стативата. Впрочем, тоа беше и последното возбудување пред двата гола и Швајцарија заслужено патува меѓу најдобрите осум екипи на шампионатот. Во четвртфиналето Швајцарија ќе се сретне со подобриот од натпреварот меѓу Англија и Словачка.

Во второто осминафинале, вечерва во Дортмунд, ќе се сретнат домаќинот Германија и Данска.