Премиерот на Србија, Милош Вучевиќ изјави денеска дека за Србите на Косово секој ден е „терор“ и дека премиерот на Косово, Албин Курти, би сакал Србија да направи „погрешен чекор“ за да дојде до ескалација.
Тој на Радио-телевизија на Србија (РТС) рече дека „Курти продолжува со својата политика“, дека вчера властите во Приштина ги „нападнале институциите на Електропривреда Србија“ и дека се надева дека некој од меѓународната заедница ќе реагира, иако се плаши дека „сепак нема да реагира“.
Тој кажа дека добрата вест е што во Косово успешно е спроведен завршниот испит за основците.
На вчерашната свечена седница на Владата во Крушевац по повод Видовдан, како што рече српскиот премиер, фокусот бил ставен на внатрешната и надворешната безбедност на Србија, зачувувањето на културниот идентитет и културното наследство и економијата.
– Добро е што во првиот квартал од годинава привлековме повеќе од две милијарди евра директни странски инвестиции, имаме 615 милијарди на сметка на буџетот, имаме најголеми девизни резерви – 27 милијарди евра. Сето ова покажува дека Србија е економски стабилна, изјави Вучевиќ за РТС.
Коментирајќи ја перспективата за пристапување на Србија во Европската унија, тој рече дека земјата „останува на европскиот пат“ и дека според годишниот извештај се создадени услови за отворање нов кластер, но дека тоа „секогаш на крајот завршува со политичка оценка дали некому сме му политички погодни“.
– Тоа се сведе на прашање на политика, а не на прашање за исполнување на пристапниот процес, рече тој и додаде дека Србија направила многу на полето на владеењето на правото, политичкиот систем, економијата и инфраструктурата.