Лидерите на Европската унија на самитот во Брисел ја номинираа актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за втор петгодишен мандат на оваа позиција.
Естонската премиерка Каја Калас е избрана за следен шеф на ЕУ за надворешна политика, додека поранешниот португалски премиер Антонио Коста е избран за следен претседавач на самитот на ЕУ.
Сите тројца кандидати доаѓаат од центристички, проевропски фракции. Како што пренесува Би-Би-Си, Европскиот парламент треба да гласа за номинациите следниот месец.
Урсула фон дер Лајен доаѓа од германската десничарска партија, Антонио Коста е социјалист, а Каја Калас е либерал.
Сепак, отпор имаше и од италијанската премиерка Џорџа Мелони. Пред самитот, таа рече дека плановите ги оставаат настрана успесите на екстремно десничарските партии како нејзината на неодамнешните избори за Европскиот парламент.
За време на гласањето за актуелниот претседател на Европската комисија, Фон дер Лајен, Мелони беше воздржана, додека гласаше против Коста и Калас. Од друга страна, потежок предизвик би можело да биде одобрението од Европскиот парламент.
„Сакам искрено да изразам благодарност до лидерите кои ја поддржаа мојата номинација за втор мандат за претседател на Европската комисија“, рече Урсула фон дер Лајен по гласањето.
Каја Калас рече дека е „навистина почестена од поддршката на Советот“ и ја опиша улогата како „огромна одговорност“.
– Мојата цел е дефинитивно да работам на европското единство, да ги заштитам европските интереси, рече Калас.
Антонио Коста ги пофали колегите Калас и Фон дер Лајен, велејќи: „Сигурен сум дека нашата соработка ќе биде многу успешна во служба на Европа и европските граѓани“.
Тој додаде дека Европа, како и целиот свет, се соочува со предизвикувачки моменти.