Кај новороденчето од Ресен, кое почина на 15 јуни при транспортот од Битолската болница за Детската клиника во Скопје, дијагностициран е респираторен дистрес синдром, а причината поради која настанала смрт 30 часа по раѓањето е затајување на кардиореспираторниот систем (insufitientio cardiorespiratoria), се посочува во соопштението на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) по вонредниот инспекциски надзор направен во Клиничката болница во Битола, на Детската клиника во Скопје и во приватна гинеколошка ординација во Битола.
Во соопштението се вели дека не се констатирани други неправилности. Но, ДЗСИ ќе иницира формирање на Комисија за стручен надзор од Министерството за здравство за понатаму да се утврди дали имало пропусти при лекувањето на родилката и новороденчето.
Според извештајот, бебето се родило на 14 јуни со АПГАР 5/7/7 со ливидна кожа, ослабен тонус, рефлекси и брадикардија. Веднаш била направена аспирација, вештачка вентилација и срцева масажа и ординирана терапија.
Другиот ден состојбата му се влошила и било транспортирано за Скопје. По патот дошло до дополнително влошување на состојбата и брадикардија.
Била спроведена реанимација, но без одговор. Починало на 15 јуни во 16.55 часот. Телото од скопската клиника било вратено назад за Битола.