Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Израел е подготвен привремено да ги запре борбите во Појасот Газа во замена за враќање на голем број заложници кои ги држи Хамас, но нема да се обврзе на целосен прекин на огнот „пред да се постигнат целите на војната“.
„Подготвен сум да се согласам на делумен договор со кој некои од нашите заложници ќе се вратат дома“, рече тој во интервју за Канал 14.
Тој изјави дека „обврска“ на Израел е да продолжи да се бори по паузата за да ја исполни целта да го уништи Хамас.
„Не сум подготвен да се откажам од тоа“, рече Нетанјаху.
Тој исто така рече дека фазата на интензивни борби против Хамас е при крај, но дека војната нема да заврши се додека групата повеќе не го контролира Појасот Газа.
„Кога ќе завршат интензивните борби во Газа, тоа ќе му овозможи на Израел да распореди повеќе сили долж фронтот со Хезболах во Либан“, рече Нетанјаху, објави Тајмс оф Израел.
Зборувајќи за можноста за војна против Хезболах, Нетанјаху рече дека се надева оти нема да има потреба од тоа, но и дека Израел ќе се соочи со тој предизвик.
„Можеме да се бориме на повеќе фронтови, подготвени сме за тоа“, нагласи тој.
Тој додаде дека Израел ќе го спроведе секој договор со Хезболах за да се осигура дека силите на групата не се на границата, додавајќи дека тоа нема да биде договор на хартија.
„Тоа ќе вклучува физичко дистанцирање на Хезболах од границата и ние ќе мора да го спроведеме тоа… Посветени сме да ги вратиме жителите на северот во нивните домови“, рече Нетанјаху.