Собранието ја почнува седницата за избор на новата влада предложена од Мицкоски

Собранието денеска во 11 часот треба да ја почне седницата за избор на новата влада, предложена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

По поднесувањето на предлогот за состав на владата и програмата за нејзината работа на 18 јуни, Мицкоски изјави дека очекува расправата за избор на владата да заврши во недела до полноќ, a од понеделник веќе да почнат со работа. Предложените членови на владата, како што изјави, се мотивирани веднаш да постигнат резултати, да го вложат масимално нивниот капацитет, бидејќи граѓаните имаат големи очекувања. Најави дека ќе води бескомпромисна борба со криминалот и ќе нема толеранција за никого, без разлика од која партија доаѓа злоупотребата. Посочи и дека младите ќе бидат во фокусот на работењето на новата влада.

Собранискиот Деловник предвидува седницата за избор на Влада да трае најмногу два дена.

Мандаторот ја образложува програмата и предлогот за состав на Владата, по што во Собранието се води единствен претрес.

Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата во целина, со јавно гласање. Гласањето се врши по завршување на претресот, најдоцна во 24:00 часот, а владата е избрана ако за неа гласале мнозинството од вкупниот број пратеници.

Претседателот на Собранието потоа го известува претседателот на Републиката за изборот на Владата.

Парламентарното мнозинство кое се очекува да ја поддржи новата Влада во законодавниот дом брои 78 пратеници – 58 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 14 од Вреди и шест од ЗНАМ.

Новата Влада што ја предлага Мицкоски ќе брои 24 члена. Покрај премиерот, ќе има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Мицкоски ќе има пет заменици односно вицепремиери, а еден од нив ќе биде „прв вицепремиер“.

Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.