Педесет годишен маж кој престојувал во затворот „Идризово“ во вторникот пријавил дека е каснат од змија.
Ова денеска го соопштија од Итната медицинска помош во Скопје, од каде велат дека ова е првиот евидентиран случај на каснување од змија, откако Центарот за управување со кризи (ЦУК) изминатиот период постојано апелира за појава на змии во населените места, особено низ населбите во главниот град.
„По пријава дека маж е каснат од змија, со возило на Брза помош, лицето е пренесено на лекување на Инфективната клиника во Скопје. Таму ќе биде на неколкудневен третман и опсервација“ – велат од Итната медицинска помош.
Оттаму апелираат граѓаните да внимаваат каде се движат при престој во природа, како и да носат соодветна облека со цел да се заштитат од каснување од змии.
Изминатите денови, како што велат од Итната медицинска помош, е зголемен бројот на повици и на интервенции. Според лекарите, има зголемен број на сообраќајни незгоди, повреди од паѓање од тротинети, зголемен број на повици за колапси на јавни места поради летните горештини.
„Работиме со намален капацитет, па затоа им се дава предност на најургентните повици“ – велат од Брзата помош.