Бабата на Сара беше на протестот во Охрид од кој е порачано: Го креваме гласот за сите тепани, понижувани и убиени жени

Доста се жртви! Го креваме гласот, не само за Сара, за сите обесправени, малтретирани, повредени и понижувани жени! Бараме одговорност, бараме правда!

Доста се жртви! Го креваме гласот, не само за Сара, за сите обесправени, малтретирани, повредени и понижувани жени! Бараме одговорност, бараме правда!

Ова се централните пораки што денеска доцна попладне беа испорачани од граѓанскиот протест против родовото и семејното насилство што се одржа во Охрид.

Собирот беше инициран од страна на Форумот на жени на СДСМ, но според дел од медиумите не доби поддршка од семејството на 26-годишната Сара Ѓорѓиеска, девојката која се здоби со тешки повреди во инцидентот кој ја потресе охридската, но и македонската јавност.

Претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Каја Шукова во име на насобраните, но и како што рече, во име на сите жртви на слични насилства, истакна дека насилството врз жените и фемицидите се сериозен општествен проблем, но дека проблемот не завршува со самиот чин на насилство, туку продолжува и во постапките што следуваат во текот на истрагата и судењето, каде, како што рече, се покажуваат сериозни системски недостатоци.

– Бараме да има сериозна превенција за да се спречат нови облици на насилство и нови фемициди. Бараме одговорност и да нема политички влијанија во процесот на истрага и судење. Бараме секоја жртва да биде заштитена. На секое јавување на жртва на семејно насилство, институциите веднаш да реагираат – порача Шукова.

Таа повика на одговорност и сериозност од сите надлежни институции, вклучително Министерството за внатрешни работи, локалните полициски служби, обвинителството и центрите за социјална работа.

Во апел претходниот ден, родителите на Сара побараа да откаже настанот и да се стигне до правдата преку институциите на системот. Но, според кажувањата на присутните, на протестот се придружила бабата на Сара Ѓорѓиеска.

Според Шукова, борбата против семејното насилство треба да ги обедини сите граѓани, без разлика на политичката, верската или која било друга припадност.

– Ова е тема што нè засега сите. Сите сме нечии ќерки, сестри, мајки, баби. Семејното насилство не препознава род и затоа сите треба да бидеме заедно, и мажите и жените, во борбата против ова зло на денешницата, за да не се повторуваат вакви немили настани, рече Шукова.

Сара Ѓорѓиеска од денеска е на клиника во Скопје за да се утврди комплетната здравствена состојба.

Основниот суд во Охрид му одреди 30 дена притвор на 31-годишниот Кристијан Корабоски. Обвинителството го товари за телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Според обвинението, тој ја задржал партнерката против нејзина волја, физички ја нападнал и ѝ нанел повреди.