Фросина Пармаковска се овенча со наградата Рациново признание за романот „Сѐ уште можам нешто да сторам“

Синоќа во Велес, во рамките на програмата на Рацинови средби на Фросина Пармаковска и беше врачена наградата Рациново признание за нејзиниот „Сѐ уште можам нешто да сторам“, која како како книга бр. 226 во едицијата „ПРОаЗА“ ја објави издавачката куќа „Или-Или“.

„Сѐ уште можам нешто да сторам“, на една од најпроминентните млади авторки денес, е роман за денешнината, за реалноста која е таква каква што ја гледаме, таква каква што ја живееме со сите недостатоци, предизвици и последици од стапиците што ни ги носи современото живеење, соопшти издавачот.

Како и во другите романи на Пармаковска, и во овој роман се доминантни психологизацијата на главнот и останатите ликови од една страна, но и личните подеми, падови и резултирачкиот раст, созревање на главниот лик од друга страна. Ова е роман за суштинската промена однатре, промена која настапува како резултат на силни и длабоки потреси, искрени соочувања со Себеси, долги разговори во себе низ бројни непроспиени ноќи, роман за чудесното, соништата и постојаното поместување на границата помеѓу тие два света: реалното и чудесното.

Фросина Пармаковска е родена во Скопје, во 1985 година. Дипломирала на Филолошки факултет, Катедра за општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институт за македонска литература, на Културолошки студии.

Авторка е на романите „Пишувајќи ги изгубените топки“, „Вишнова хроника“, „Одбројување“, кој беше прогласен за роман на годината за 2017 година и „На враќање“.

Годинешното, шеесет и прво издание на Рациновите средби, се одржуваат под слоганот „Рацин – македонска меморија“.