Фудбалската федерација на Македонија – ФФМ реагираше на скандалот што го предизвика албанскиот репрезентативец Мирлинд Даку, кој по завршувањето на вчерашниот дуел со Хрватска на Европското првенство во Германија ги пцуеше Македонците и Србите.
Албанија одигра 2:2 со Хрватска, а додека навивачите го славеа освоениот бод, Даку зеде мегафон и од теренот вулгарно скандираше против Македонците.
ФФМ го повика Даку јавно да се извини, а од УЕФА да го казни.
„Изразуваме длабока загриженост и недвосмислена осуда во врска со националистички скандирања од Мирлинд Даку, репрезентативец на Албанија, насочени против македонската држава по завршувањето на вчерашниот натпревар Хрватска-Албанија на Европското првенство. Однесувањето е неприфатливо и спротивно на основните вредности на спортскиот дух и меѓусебното почитување што ги промовира фудбалот. Принципите на политичка неутралност се вградени во регулативите на меѓународните асоцијации како ФИФА и УЕФА. Фудбалската федерација на Македонија за ваквото скандалозно однесување ќе прати официјален допис до УЕФА. Го повикуваме Мирлинд Даку јавно да се извини за своето однесување, препознавајќи ја штетата што ја предизвика. Исто така, ги повикуваме релевантните институции да го истражат овој инцидент и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување“, објавија од ФФМ.