ФС Србија бара казни за Албанија и Хрватска, ако не – ќе го напуштат ЕП

Албанија и Хрватска вчера одиграа атрактивен натпревар, но навивачките групи на двете земји се погрижија за нов скандал, поради кој УЕФА повторно ќе има полни раце работа.

Европската Федерација почна да ја полни својата каса од казните кои им ги изрече на балканските Федерации, но фудбалскиот сојуз на Србија сега бара втора казна за Албанија, но и прва за Хрватите.

За време на мечот кој се играше во Хамбург, дел од навивачите на Албанија и Хрватска скандираа „Убиј Србина“, а поради ова и уште неколку провокативни транспаренти, ФСС најави дека ќе бара драконска реакција од УЕФА.

– Скандалозно е тоа што се случи во Хамбург. Фудбалскиот сојуз на Србија ќе бара од УЕФА да преземе најостри санкции, дури и по цена да го напуштиме Европското првенство. Ова што се случи е скандалозно и не сакаме никогаш повеќе да се повтори – изјави генералниот секретар на ФСС, Јован Шурбатовиќ.

– Сигурни сме дека ќе бидеме слушнати од УЕФА. Благодарни сме што одговорните луѓе веќе реагираа на нашата сигнализација за таканаречениот албански новинар. Веднаш му беше одземена акредитацијата, а сега повторно испраќаме протестно писмо. Сега бараме најостри казни за Федерациите на Хрватска и Албанија. За такви работи нема место во фудбалот и во спортот воопшто. Ако УЕФА не ги казни драстично, ќе размислиме за нашите следни чекори, но јас сум сигурен дека казните ќе бидат ригорозни – потенцираше Шурбатовиќ.