Екс премиерите на С. Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, денеска и утре во Атина организираат Меѓународна конференција за мир и одржлив развој по повод шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор. Настанот е во организација на „Фондација Заев“ и „Институтот Алексис Ципрас“.
Во рамки на конференцијата ќе му биде доделена награда на Метју Нимиц – медијаторот во разговорите за името.
Покрај Заев, на конференцијата ќе присуствуваат и поранешниот премиер и актуелен професор Владо Бучковски, ексминистерот за надворешни работи и поранешен вицепремиер Никола Димитров, како и поранешниот министер и актуелен пратеник од СДСМ, Венко Филипче.
Според најавите, на настанот ќе учествуваат и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, поранешниот француски претседател Франсоа Оланд, премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, поранешните премиери на Шведска и Грција, Стефан Лофвен и Јоргос Папандреу, поранешниот претседател на ЕП, Мартин Шолц, поранешниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас, министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, како и градоначалниците на Атина и Истанбул, а помошник-државниот секретар за енергетски ресурси на САД и поранешен американски амбасадор во Грција, Џефри Пајат, ќе учествува онлајн.
На настанот преку видеопорака ќе се обрати и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во пресрет на доделувањето на наградата за специјалниот претставик на ОН во преговорите, Метју Нимиц.
Конференцијата ќе содржи осум панел-дискусии, од кои две за Балканот, две на регионалните случувања и улогата на меѓународните организации во промовирањето на мирот, две на иднината на Европа и справувањето со екстремната десница и по една на климатската криза и зелената агенда и на европската и грчката економија.
Потписниците на Преспанскиот договор, Никола Димитров и Никос Коѕиас, заедно со медијаторот и комесарот за проширување Јоханес Хан, попладнево ќе дискутираат за преговорите, за спроведувањето на договорот и дали Преспа е модел за мирно решавање на споровите. За договорот од Преспа ќе дискутираат и Заев и Ципрас.
Дводневната конференција по повод шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор беше најавена пред неколку дена со заедничка колумна на експремиерите на С Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, во која повикаа ЕУ и меѓународната заедница да стават до знаење оти почитувањето на Договорот од Преспа е единствениот пат на земјава до пристапниот процес.