Џулијан Смит: И се заблагодарувам на Северна Македонија за одвојувањето на два проценти од БДП за одбраната

Самитот на НАТО во јули во Вашингтон, прво и основно, ќе биде славење на 75 години работа како трансатлантски партнери преку Атлантикот, но ќе се дискутира и на повеќе различни теми и сакаме да поминеме одредено време во разговор за споделување на товарот и фактот дека многу земји напорно работеа во последната деценија во зголемувањето на трошоците за одбрана, вели постојаната претставничка на САД во Алијансата, Џулијан Смит во интервју за МИА.

– Овде сакам навистина да ѝ се заблагодарам на Северна Македонија. Ова е земја што донесе навистина тешки одлуки за да го достигне прагот од два проценти од БДП за одбраната. Северна Македонија е сега над прагот, над два процента и ги поздравуваме тие напори и сите земји што го направија тоа, нагласува Смит.

Таа најави дека веројатно следната седмица НАТО ќе објави нов извештај за споделување на товарот, кој ќе покаже дека околу две третини од членките на Алијансата сега трошат над два проценти од БДП за одбрана, што според неа, е важно бидејќи значи дека сојузниците можат да ги исполнат своите обврски.