Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека Косово заслужува членство во НАТО, 25 години по ослободувањето со помош на таа воена организација.
Во нејзиното обраќање во Собранието на свечената седница по повод Денот на ослободувањето, Османи рече дека ослободувањето на Косово во 1999 година не е само воена победа на НАТО и капитулација на Србија, туку и триумф на човечкиот дух над тиранијата и на доброто над злото.
Таа рече дека припадниците на Северноатлантската алијанса „не беа само војници кога влегоа во Косово, туку и спасители“.
– Тие со себе го донесоа ветувањето за слобода, сигурноста дека светот не заборавил на народот на Косово и решителноста да се стави крај на злосторствата извршени врз нашиот народ.
Влезот на НАТО во јуни 1999 година беше силата на меѓународната солидарност и универзалното верување на еден народ да биде слободен. Слободата е повеќе од зборови. Тоа е суштината на нашето битие.
Воздухот што го дишеме, соништата што се осмелуваме да ги сонуваме.
Иднината кон која се стремевме и за која нашите ослободители ги дадоа своите животи, рече косовската претседателка во нејзиното обраќање пред пратениците, членовите на Владата и гостите кои присуствуваат на свечената седница на Собранието.
Османи порача дека Косово секогаш ќе се сеќава на паднатите и на сите кои придонеле за слободата на Косово и дека пред сé треба да се почитува стоицизмот на народот на Косово и на ослободителната војска.
– Слободата не е подарок, туку за неа е платена највисоката цена што може да ја плати еден народ.
Слободата денес е одговорност и наследство што мораме да го заштитиме и ветување што мора да го исполниме за оваа и за секоја генерација што доаѓа по нас.
НАТО ни даде поддршка и денес целиме и заслужуваме членство во оваа воена организација со нашата армија, која со својата професионалност е подготвена да стане придонесувач за мирот секаде во светот, рече Османи.