Во врска со прашањето на српскиот претседател Александар Вучиќ, каде во Дејтонскиот договор стои дека државниот имот им припаѓа на централните власти во Босна и Херцеговина, Американската амбасада во Сараево денеска соопшти дека „нема потреба од повторно разгледување на правната историја и судските пресуди“ во врска со ова прашање.
За државниот имот во БиХ, амбасадата се повика на претходната изјава на американскиот помошник државен секретар Џејмс О’Брајан од февруари, кога рече дека почетната точка е дека „имотот е на државата“.
„Постои начин да се разговара за имотот со тоа што ќе се разговара за него во соодветните институции. Но, почетната точка е сè уште јасна: имотот е на државата“, се зборовите на американскиот функционер на кој се повикуваат во соопштението на амбасадата, цитирано од порталот Klix.ba.