Новата влада на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата Вреди и ЗНАМ се очекува да биде формирана на 19 или 20 јуни, најави Изет Меџити од Вреди, објавувајќи дел од имињата на идните функционери од оваа коалиција.
Покрај за поделбата на ресорите во новата влада и имињата на министрите, во фокус на јавноста останува двотретинското мнозинство што за измените на Законот за организација на државната управа коалициските партнери во владата во најава го обезбедија со поддршка од пратеници од Европскиот фронт.
Изет Меџити вчера во изјава потврди дека тој ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, а градоначалникот на Општина Гостивар и лидер на Алијанса за Албанците Арбен Таравари министер за здравство.
– Јас и Таравари по секоја веројатност ќе бидеме дел од извршната власт – јас на функцијата вицепремиер и министер за екологија, додека Таравари повторно ќе го води ресорот за здравство. Касами повторно ќе се врати на Тетово, за да го заокружи мандатот кој успешно го започна. Можам да потенцирам дека `Вреди` ќе има двајца албански вицепремиери во новата извршна власт. Сериозен кандидат за вицепремиер за добро владеење ќе биде Арбен Фетаи од Алијансата за Албанците на Таравари. За вицепремиерското место за евроинтеграции деновиве треба да одлучи Алтернатива. БЕСА треба да одлучува за министерските места за економија и социјална политика – рече Меџити во изјава за тв Алсат.
Мандатарот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски по добивањето на мандатот од претседателката Гордана Сиљановска Давкова најави дека набргу ќе биде составена новата влада и оти тоа ќе се случи пред законскиот рок.
Главна цел на владата најави дека ќе бидат реформите, со цел придвижување на работите во економијата, силен инвестициски циклус, подобрување на состојбите во здравството, образованието, земјоделството…
– Убеден сум дека во иднина ќе ја смениме реалноста, ќе ја трансформираме Македонија во успешна европска приказна, држава која што ќе биде татковина на сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност, политичка припадност или не припадност, место кое што ќе биде мотив и инспирација за оние кои што го напуштиле да се вратат назад, рече Мицкоски минатата недела во четвртокот од кога почна рокот од 20 дена за формирање на владата.