Османи за експропријациите на север: Косово го испочитува законот, на сојузниците да им се објасни детално

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, реагирајќи на вчерашното сооптштение на земјите од групата КВИНТА и мисиите на Европската Унија и ОБСЕ, кои изразија загриженост за експропријациите на косовскиот север, нагласи дека владините одлуки се во согласност со законите, Уставот и стандардите на Европскиот суд за човекови права.

Одговарајќи на новинарите при денешната посета на градот Глоговац (Дренас), Османи изјави дека поддржува секое дејство што е во интерес на националната безбедност и на сите граѓаните на Косово.

– Прашањето на експропријации за секој граѓанин, без оглед на етничката припадност треба да се анализира единствено од аспект на почитување на законот и Уставот. Тоа прашање има одредени правила и тие се утврдени не само со нашите закони туку и со стандардите на Европскиот суд за човекови права. Сè додека експропријациите се во согласност со законите и Уставот на Косово и стандардите на Европскиот суд, јас како претседателка на Косово го поддржувам секое дејствие што е во интерес на националната безбедност и на граѓаните, без разлика, рече Османи.

Таа оцени дека сé уште има простор за комуникација меѓу одговорните институции и странските партнери за да се дадат детални објаснувања и нагласи дека не гледа тенденција за дискриминација по етничка основа, туку едноставно почитување на стандардите.

– Верувам дека веројатно сé уште има простор за комуникација за детално да се објасни од одговорните институции до партнерите, со цел да се осигураат сите дека сé што направи Косово е дека ги испочитуваше стандардите на Европскиот суд. Не гледам дека има тенденција за дискриминација по етничка припадност, туку едноставно почитување на стандардите. Наша должност е да го заштитиме секој граѓанин без разлика на етничката припадност и да го заштитиме секој агол на Косово, заклучи Османи.

Амбасадите на државите од таканаречената група КВИНТА, која ја сочинуваат САД, Германија, Франција, Велика Британија и Италија, заедно со мисиите на ЕУ и ОБСЕ во Приштина, ја повикаа вчера Владата на Косово да се придржува до владеењето на правото и да ја потврди својата посветеност за заштита на правата на немнозинските заедници.

Тие реагираа на одлуката на Владата на Албин Курти дел од недвижен имот во општините Лепосавиќ и Зубин-Поток во северно Косово, населен со мнозинско српско население, да биде експроприран за јавен интерес.

– Некои од нашите мисии претходно споделија со Владата оценки од меѓународни правни експерти, вклучително и од ЕУЛЕКС, давајќи индикации дека Владата ги прекршила сопствените закони и прописи поради процедурални и технички недостатоци за време на процесот на експропријација, се вели во соопштението на мисиите на КВИНТА, ЕУ и ОБСЕ во Косово.