Стив Банон, поранешен советник на Доналд Трамп, мора да оди во затвор до 1 јули за да отслужи четиримесечна казна за непочитување на Конгресот, изјави федерален судија.
Одлуката значи дека Банон, десничар кој останува влијателен во круговите на Трамп, најверојатно ќе биде во затвор за време на клучната фаза од кампањата за претседателските избори на 5 ноември, во кои Трамп ќе се соочи со демократскиот претседател Џо Бајден, пренесе Хина, повикувајќи се на Ројтерс.
Наредбата на американскиот окружен судија Карл Николс од Вашингтон беше издадена откако федералниот апелационен суд минатиот месец го отфрли обидот на Банон да ја поништи поканата за сведочење на конгресната комисија која го истражува нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година.
Банон им рече на новинарите надвор од судницата дека ќе побара од Врховниот суд да интервенира, велејќи дека тоа е политички мотивиран прогон.
„Сето ова се однесува на една работа: затворање на движењето МАГА“, рече тој, мислејќи на слоганот на Трамп „Направи ја Америка повторно голема“.
Во 2022 година, Банон беше осуден по две точки од обвинението за непочитување на Конгресот затоа што одбил да предаде документи и да сведочи пред комисијата на Претставничкиот дом.
Банон ќе биде вториот поранешен висок функционер на Трамп кој ќе заврши во затвор затоа што одбил да соработува со комитетот. Питер Наваро, поранешен трговски советник, отслужува четиримесечна затворска казна.
Банон беше меѓу советниците на Трамп кои сакаа да ја спречат потврдата за победата на Бајден на изборите во 2020 година, но тој повеќе не работеше во Белата куќа во тоа време.