Екс министерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче денеска ја поднесува кандидатурата за лидер на СДСМ.
Тој во изјава за медиумите порача дека со кандидатурата, поднесува и програма.
– Овој ден означува почеток на реформа и на промена во партијата. Во програмата се напишани постулатите според кои, доколку бидам избран за претседател, ќе работам а тоа е посветено, професионално, со целата моја енергија и знаење. Програмата се темели на информации, сугести и барања кои што ги слушнав од големиот број на наши членови со кои имав чести средби во изминатите месеци – вели Филипче.
– Резултатите ќе ги видат многу рано и ниту еден член на партијата нема да остане настрана или да не биде исконтактиран. На тие кои ќе бидат дел од тимот, можам да им ветам само многу работа. Сметам дека направив програма која излезе од барањата на членовите. Ги разбрав и внесов во програмата се што бараат – отвореност, транспарентност, достапност, а јас имам таков терк на работа – кажа Филипче во изјава за медиумите.
– Сметам дека изборните резултати ја клекнаа партијата на колена. СДСМ ќе опстои и повторно ќе биде победничка партија. Тоа што имам одлични релации со Зоран Заев, пред се говори за мене. Имам одлични релации и со останатите претходни претседатели на партијата и со други претходни функционери. Сите добри релации се всушност од еден од предусловите обединувањето да се случи многу брзо – додаде тој.