Министерката за одбрана во заминување – Славјанка Петровска, која пред неколку дена најави дека ќе влезе во трката за нов лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), рече дека ако не биде избрана за претседател, нема да извршува друга партиска функција.
Во изјава за тв Телма, Петровска денеска најави дека во текот на нареднава недела и официјално ќе ја поднесе кандидатурата за претседател на СДСМ, согласно партискиот Статут.
Но, таа побара, освен обврската за поразените на внатрепартиските избори да не влегуваат во партиските тела, да се воведе и обврска никој да не може по третпат да се кандидира, како и задолжение дека ако некој кандидат или избраниот претседател се соочи со кривична одговорност, да се повлече од функцијата.
„Доколку не бидам избрана, нема да прифатам или да извршувам каква било функција во партиските тела и во претседателството. За предложената изјава лично не сум против и ќе ја потпишам. Но, прво ќе предложам дополнување дека доколку некој кандидат не биде избран, нема да се кандидира по третпат за партиски претсeдател. Во изјавата треба да стои и дека доколку за кој било кандидат или веќе избран партиски претседател има или се отвори кривична постапка пред институциите, тој или таа ќе си даде оставка за да не ја компромитира партијата. Предлозите од партиските другарки и другарки треба да се разменуваат во партиска комуникација, а не преку медиуми“ – вели Петровска.