Деспотовски предлага: Тој што ќе изгуби на изборите, да не бара функција од СДСМ

Кандидатот за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски, вели дека на неговата партија и треба лидер, а не пазар. Негов предлог е кандидатите кои сакаат да го наследат Димитар Ковачевски да потпишат дека нема да бараат функција како компензација за тао што не дошле на чело на СДСМ. 

„Во интерес на обезбедување на транспарентна постапка за избор на Претседател на СДСМ до Централната изборна комисија на партијата доставив предлог за дополнување на документите при кандидирање.

Со предложената Изјава секој од кандидатите се обврзува, во случај да не биде избран за Претседател на СДСМ, да не прифати ниту една друга партиска функција на централно, ниту на локално ниво.

Ги повикуваме сите претседателски кандидати да ја покажат својата посветеност на фер игра и интегритет со потпишување на оваа изјава. Преземајќи го ова ветување, кандидатите ќе покажат дека им даваат приоритет на она што е во интерес на луѓето, на нашите членови и државата пред личната корист, поставувајќи моќен пример за етичко лидерство. Оваа иницијатива не е само ветување за фер игра; тоа е посветеност на вредностите на социјалдемократијата за кои се залагам и како член на СДСМ.

Верувам дека само со вакви конкретни и искрени постапки ќе покажеме дека навистина сме ја разбрале пораката и можеме да ја реформираме нашата партија и да поставиме нов стандард за политичко однесување“, порачува актуелниот директор на Дирекцијата за индустриско-технолошки развојни зони. 

Медиумските извештаи пренесуваат дека покрај Деспотовски, кандидати пред партиските избори на 30 јуни се уште Стефан Богоев, Славјанка Петровска и Венко Филипче.