Иџет Мемети, членот на Советот на јавни обвинители кој во моментов е со мерки за претпазливост под сомнение за примање награда за противзаконито влијание денеска не дојде на седница на Советот.
Претседателката на Советот на јавни обвинители – Душица Димитриеска изјави дека Меџити непосредно пред почетокот ја информирал дека нема да присуствува на денешната седница.
– Непосредно пред седницата тој ме информираше дека нема да биде присутен и е на мислење да се повлече од позицијата заменик претседател на Советот на јавни обвинители, рече Димитриеска.
Мемети е второосомничен во истрагата поврзана со примање награда за противзаконито влијание во која е вклучен и врховниот судија, Наке Георгиев.
Во изјава за медиуми по определувањето на мерки на претпазливост изминатата недела, осомниченииот Мемети, пред Кривичен рече дека е во сечиј интерес постапката да заврши што побрзо.
– Од мој интерес, и од интерес на јавноста, е што побрзо органите да ја завршат својата работа. Ова секако како човек ме погодува, меѓутоа, не е добро да зборувам пред медиумите за работа која се води по судски пат. Ве уверувам дека многу брзо ќе заврши и ќе излезе дека ништо незаконски не сум направил, изјави Мемети.
Во однос со релациите со врховниот судија Георгиев, тој рече дека ги познава сите судии и обвинители и со нив се дружи, но, дека не разговарал за предмети.