Коалицијата „ВРЕДИ“ е најдобра гаранција за тоа дека С. Македонија ќе го продолжи европскиот пат, смета Арбен Таравари.
Тој во гостувањето на тв Канал 5 рече дека „не би сакал да се повтори 2008 година“ и „ако постои стратегија 2028 година Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора да влезат во пакет, тоа веќе е причина со која ние би требало одредени работи набрзина да ги смениме“.
– Гарантирам дека ќе има модалитети кои ќе бидат прифатливи и за двете страни. И за Скопје и за Софија и во тоа сум многу сигурен, меѓутоа за тоа кои се опциите, сигурно идниот премиер ќе ги каже. Меѓутоа, ви велам се работи на тоа интензивно – изјави Таравари.
На прашање дали има разговарано со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за уставните измени, рече „нормално“, нагласувајќи дека не е коректно тој да каже за какво решение е зборувано, туку тоа треба да го соопшти идниот мандатар или премиер.
– Работиме од повеќе аспекти. Јас сум оптимист дека ќе се изнајде решение. Ќе имаме помош и од невладини организации и од луѓе што ќе сакаат да помагаат на Македонија, се со цел да се движиме и да се движиме и да ги започнеме преговорите, бидејќи тоа е за доброто на граѓаните – рече Таравари.
Тој изрази очекување дека ДУИ ќе биде конструктивна опозиција и ќе направи „мирна транзиција“.