Балтичките земји и Полска ја предупредија Германија дека би можеле да испратат војници во Украина доколку ситуацијата за Украина забележително се влоши бидејќи сојузниците не сакаат да достават оружје во Киев, пишува германски „Шпигел“.
Весникот наведува дека на маргините на конференцијата за надворешна и безбедносна политика во Талин минатата недела, претставници на балтичките земји ја „предупредиле“ Германија за последиците од нејзината политика во однос на конфликтот во Украина.
„Ако Русите успеат да направат стратешки пробив на истокот на Украина, бидејќи Западот не сака да му помогне на Киев, ситуацијата може одеднаш да се влоши. Во тој случај, балтичките земји и Полска нема да чекаат руските сили да бидат распоредени на нивните граници, предупредуваат балтичките политичари – тие самите ќе испратат војници во Украина“, се истакнува во написот.
Според нив, на овој начин НАТО ќе стане страна во конфликтот, а токму од тоа се плашат германскиот канцелар Олаф Шолц и американскиот претседател Џозеф Бајден.
Шолц во неделата рече дека се противи на ревидирање на правилата за употреба на германско оружје од страна на Украина и давање можност на Киев да изврши напади на руска територија. Канцеларот постојано нагласува дека Берлин не сака конфликтот меѓу Русија и Украина да се претвори во конфликт меѓу Русија и НАТО.
Претходно генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интервју за „Економист“ изјави дека Алијансата нема намера да испраќа војници во Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека реториката на Париз и Лондон во врска со можноста за испраќање војници во Украина е опасна.
Кремљ, исто така, соопшти дека обрнале внимание на зборовите на Макрон дека во Европа се разговарало за прашањето за испраќање војници и дека Москва добро ја знае неговата позиција за нанесување „стратешки пораз“ на Русија.