Позитивно е тоа што ниту Нова демократија ниту ВМРО-ДПМНЕ немаат намера да го урнат мостот што со толку напор го изградивме, вели поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров за „Катимерини“ и паралелно истакнува дека по Преспа граѓните се чувствуваат изневерени, бидејќи по неуспехот ЕУ да го одржи ветувањето и да започне пристапни разговори со Северна Македонија, штафетата со ветото ја презеде Бугарија, јави дописничката на МИА од Атина.
Во интервјуто за неделното издание на весникот, поранешниот шеф на дипломатијата говори и за актуелната ситуација во билатералните односи со Грција, и вели дека за првпат откако се реши прашањето со името и во Скопје и во Атина на власт се партиите кои беа против Договорот од Преспа, но и објаснува дека во неговата политичка кариера научил „целосно да ги разбира грижите и чувствителностите и на двете страни“.
-Импресивно е колку малку се свесни и во Грција и во Северна Македонија за тоа колку беше тежок компромисот за другата страна. Секоја страна ги признава само своите отстапки. Позитивно е тоа што ниту Нова демократија ниту ВМРО-ДПМНЕ немаат намера да го урнат мостот што со толку напор го изградивме. Двете страни ги уживаат плодовите на договорот, а во исто време ги обвинуваат нивните претходници за слабостите што се констатираат. Сепак, долгорочно, мостот без грижа и одржување може да се оштети. Клучната состојка овде ќе биде одговорно раководство за да ги донесе поблиску двете реалности, вели Димитров.
Ги објаснува трите начини за решавање на споровите, согласно предвиденото во Договорот од Преспа и посочува дека во овој момент потребен е првиот, односно преговори, средби, отворено разменување мислења, добра волја, комуникација зад затворени врати, а не преку јавни изјави.
Сепак, вели дека и покрај „недостатоците во спроведувањето на Договорот и од двете страни, компромисот функционира“ и изразува оптимизам дека „компромисот ќе го издржи и актуелниот политички предизвик“.
За тоа дали новата Влада ќе може да се движи во правилна насока и да има напредок во интеграцијата во ЕУ, вели дека ќе зависи од три фактори.
– Прво од нејзината способноста успешно да плови во бурните балкански води зафатени од билатерални спорови. Одговорност што се дели со нашите соседи од ЕУ, кои реално, освен Северна Македонија и тие можат да добијат од нејзиниот европски успех. Второ, управувањето и реформите во внатрешноста на земјата, каде што народот е жеден за правда и одговорности, економски развој и функционални институции. И на крај, улога ќе играат и надворешните фактори, рече Димитров.
Додаде дека помина 21 година од Солунската декларација, се изгубија генерации и време е да се финализира обединувањето на континентот.
-ЕУ треба да почне да ги исполнува нејзините ветувања, да го ограничи смешниот број на вето во пристапниот процес и да не стане жртва – за внатрешна употреба-на каприците од минатиот век на која било земја членка, истакна Димитров за „Катимерини“.