Милевски за натпреварите со Хрватска и Чешка: Мораме подобро
Македонската фудбалска репрезентација на 3. јуни од 19:00 часот во Ријека ќе игра против Хрватска, додека седум дена подоцна во Храдец Кралове во вториот пријателски дуел ќе ги одмериме силите со Чешка.
Селекторот Благоја Милевски го објави списокот за овие два натпревари и порача дека тие ќе бидат важни во подготовката на тимот за септемврските предизвици.
„Со нетрпение го очекуваме новиот собир и силните натпревари против Хрватска и Чешка, две репрезентации учесници на Европското првенство.
Во составот на македонската репрезентација се фудбалерите кои потврдија дека можат да бидат конкурентни и со најсилните европски селекции. Остануваме лојални на играчите кои одиграа одлични натпревари во вториот дел од квалификациите за Европското првенство, посебно против големите фаворити, Англија и Италија. Без разлика на формата или статусот во клубовите ќе бидат тука за главната наша цел – Лигата на нации и пресметките кои не очекуваат од септември.
Со нас е Дарко Велковски, кој е во последната фаза на опоравување од повреда, но без разлика дали ќе може да игра, важно е што како еден од најискусните во тимот и еден од лидерите на екипата е дел од овој собир
Двата контролни натпревари во Ријека против Хрватска и Храдец Кралове против Чешка ни се важни во подготовките за септемвриските предизвици, со посебен акцент на зајакнување на добрата атмосфера и заедништво.
Мора да поправиме и некои работи во играта ако сакаме да забележиме позитивен резултат на претстојните два меча. Мораме подобро, свесен сум за тоа. Создаваме шанси, но мораме да ја подобриме ефикасноста, повеќе да влегуваме во празен простор, да покажеме карактер. Ова се натпревари на кои мотив сигурно нема да недостасува и треба да влеземе сериозно, одговорно и цврсто“, изјави Милевски.