Утринава до Центарот за управување со кризи до Секторот за операции и координација е побарана координација помеѓу институциите заради надминување на настанатиот голем проблем за водоснабдување на градот Куманово.
Според информациите, по вчерашните обилни поројни врнежи од дожд и град во липковскиот регион е предизвикано зголемување на нивото на Липковска Река, што има влијание на системот за водоснабдување – на филтер станицата на ЈП „Водовод“ – Куманово.
– Според информација од одговорното лице на филтер станицата, се работи за количина на над 10.000 m3 заматена вода што влијае на процесот на прочистување и испорака на истата до граѓаните. Од тие причини, во моментот е појавена заматеност на водата во цевководниот преносен систем и е прекината дистрибуцијата до граѓаните, што најверојатно ќе трае во текот на целиот денешен ден, а по потреба, се до моментот на надминување на состојбата – нагласуваат од ЦУК.
Од Центарот за управување со кризи, веднаш е побарано инспекциските служби на Центарот за јавно здравје од Куманово да излезат на самото место, направат увид, земат мостри за анализа и донесат соодветно решение за понатамошна постапка.
Истовремено е известена и Општина Куманово за понатамошна постапка, во насока преземање мерки и активности за надминување на состојбата во интерес на граѓаните, а во моментот е воспоставена комуникација со медиумите заради известување на граѓаните на Куманово.
Најавено е дека во 12 часот ќе заседава Општинскиот штаб со сите претставници од институции во Општина Куманово.