Во седум избирачки места во изборните единици 5 и 6 денеска ќе се прегласува за Парламентарните избори 2024.
Прегласување во петата изборна единица ќе се спроведе на избирачките места 1194 и 1202 во Крушево, 1272 во Охрид, 1470 и 1470/1 во Долнени и 1844 во Струга, додека во шестата изборна единица на избирачкото место 2101 во Желино.
Право на глас во овие избирачки места имаат вкупно 4521 гласач.
Во избирачкото место 2101 во Желино право на глас имаат 993 гласачи, во избирачкото место 1194 во Крушево право на глас имаат 470 избирачи, во 1202 исто така во Крушево 298, во 1272 во Охрид 712, во Долнени во избирачкото место 1470 – 659, додека во 1470/1 – 634 и во избирачкото место 1844 во Струга 755 избирачи.
Вчера гласаа болни и немоќни лица, лицата кои се на издржување казна затвор, како и лицата сместени во домовите за вонсемејна грижа, а кои припаѓаат на избирачките места каде што се поништи гласањето за парламентарните избори спроведено на 8 мај 2024.
Од ДИК информираа дека прегласувањето се одвивало непречено, без пријавени нерегуларности.