Истрагата за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешкиот фризер Панче Жежовски (74) се очекува да заврши наскоро.
Првоосомничен во случајот е Љупчо Палевски – Палчо кој синоќа со авион беше екстрадиран од Турција во Македонија.
Тој директно беше однесен во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари бидејќи имаше определен 30-дневен притвор, а од затворот утрово испратиле официјално известување и до Основниот кривичен суд дека Палчо е кај нив.
Зависно од времето што ќе го одземат формалните процедури, во текот на денот или наредните денови, осомничениот ќе биде спроведен и до Кривичен суд.
Како што објаснуваат оттаму, процедурите налагаат дека судија на претходна постапка во координација со јавниот обвинител ќе го сослуша Палевски.
Сослушувањето во судот ќе биде само за да му се даде прилика да се изјасни во однос на причините за кои му е одреден притворот додека беше во бегство, но во кој и натаму останува.
Палевски засега сè уште не го известил ниту затворот ниту судот дали се откажува од адвокатот што му бил доделен по службена должност уште со отворање на истрагата. Тој уште не ги известил ниту во затворот ниту во судот дали самиот ангажирал бранител.
Тој се гони за две грабнувања и две убиства на свиреп начин. Осомничени се и тројца соизвршители за овие дела, како и таткото на Вања кој се товари за помагање во грабнувањето на девојчето.
Дека истрагата привршува, официјално потврдија и од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
„По екстрадицијата на првиот осомничен од Република Турција, јавниот обвинител продолжува да презема истражни дејствија во предметот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. За петмина осомничени истрагата е во завршна фаза“, велат од ОЈО Скопје.
Истрагата беше отворена на 3 декември, а ваквата изјава од обвинителството значи дека извесно оти нема да се бара пролонгирање на првичниот рок пропишан со Законот за кривична постапка – истрагата да заврши во рок од најмногу шест месеци.
Пред нејзино затворање и поднесување на обвинение, Палевски треба да биде сослушан и во обвинителството.
По евентуалното обвинение, тоа ќе оди на оценка во судот и ако добие зелено светло, ќе стартува судски процес.