Техничкиот премиер Талат Џафери, во рамки на учеството на Регионалниот самит на лидери во Котор, под мотото „Еден регион, заедничка визија“, се обрати на Панелот „Состојбата на терен и идните планови-нов план за раст“.
Во своето обраќање истакна дека независно од тоа што С. Македонија се наоѓаше во предизборен период, за Владата, евроинтеграцијата беше врвен приоритет и беше фокусирана на спроведувањето на приоритетните реформи кои се важни за членството на државата во ЕУ.
„Владата која ја предводам, останува посветена на остварувањето на европската агенда, која бара спроведување на суштински реформи и усогласување со правото и стандардите на Европската Унија. Дополнително, го поздравувам усвојувањето на Регулативата за Механизмот за реформи и раст, со која се обезбедени дополнителни финансиски средства за поддршка на реформите, а чие користење е поврзано со испорачување резултати. Изминатиов период, и покрај фактот што Северна Македонија беше во изборен период, интензивно работевме на финализирање на нашата Реформска агенда 2024-2027. Последната нацрт верзија на Реформската агенда, одобрена од Владата, беше споделена со Европската комисија на почетокот на мај“, рече Џафери.
Во своето обраќање потенцираше и дека за да успее новиот Акциски план за Заеднички регионален пазар на кој напорно работат сите, треба да се одблокира работењето на ЦЕФТА, а С. Македонија да има свој претставник на највисоко ниво.