Самостојна изложба на еден од најеминентните македонски современи ликовни уметници, Мирослав Масин, насловена „Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“, утревечер во 20 часот ќе биде отворена во објектот Даут пашин амам, во Скопје.
Во пресрет на изложбата од Националната галерија, која е организатор на поставката, пренесуваат дел од ставовите на авторите кои се осврнале на комплексното творештво на Мирослав Масин, за естетичките категории и темите на интерес на уметникот.
Професорката Ана Мартиновска ќе каже дека „ако примитивизмот е антирационалистичка и антиматеријалистичка филозофија, потрага по потеклото и апсолутите, по недопрената и неконтаминирана човечност и побуна против линеарната, мерлива, капиталистичка логика, тогаш секако дека Масин без поговор ја следи линијата на страсните поддржувачи на примитивизмот како Пикасо, кубистите, германските експресионисти, дадаистите и надреалистите.
-Само за потсетување, во срцето на програмата на германските експресионисти лежи ничеовската романтичарско-дијалектична претпоставка дека мораш да се вратиш назад за да одиш напред. По таа логика, бегството од современоста значи враќање кон примитивниот човек неупропастен од развојот на цивилизацијата, или во визурата на Масин, кон првиот човек, кон прачовекот, кон мајмунот. Веројатно затоа мајмунот од сликата на Масин го има прстот на чело, па гледа во јајцето (уште еден универзален симбол за потеклото и постанокот) прашувајќи се како да ја поврати загубената димензија на човештвото. Неговата визија не е отпор кон технолошкиот напредок, ниту иронија или игнорирање на придобивките на модерноста, но повеќе е предупредување за насоките во кои се движи човештвото денес, вели Мартиновска, која е научничка во областа на фолклорот, литературата и културата.
Според Сузана Милевска, „видлива е една иронија на авторот кон човековата рационалистичка желба за систематизација. Во индивидуалнион ликовен кодиран систем во кој елементите не се енциклопедиски податоци туку фрагменти кои треба да потсетуваат на суштествата создадени во лабораторијата на авторот, нотните линии го заземаат местото на некои хипотетични научни дијаграми. Така, вели Милевска, стануваме сведоци на поделбата на очи, панделки, гради, усни, опашки, фрагменти кои имаат свое значење во процесот на трансформација: посебно усните насликани во стилизирана форма што потсетува на пеперутка или панделките кои се оној преоден знак за цивилизацискиот пресврт.
-„Мелодијата” што jа креираат овие знаци е визуелна, подложна на ритмот на повторувањето и динамиката поради процесуалната разлика, ќе наведе Милевска, теоретичарка и кураторка на визуелна уметност и култура.
Викторија Васева Димеска ќе каже дека „..сликарот вечно живее во недоумица и дилема меѓу сопствената личност, самиот себе си и долгот да создава за човештвото, меѓу внатрешната изолација и анализа на внатрешниот дијаграм на човек и надворешната „должност да создава нешто што ќе биде солидарно со човештвото”. Тој е истовремено и едно и друго. Најмногу е едно, а тогаш најмногу чезнее за она второто и обратно, наведува Васева Димеска.
Низ егзорцистичко ослободување и надреалистично спиритуализирање, цртежите на Масин, според српскиот пистаел Драган Јовановиќ Данилов, ја разоткриваат таинственоста на некои дамнешни, невидливи пораки кои овој цртач ги пренесува во опсегот на видливото.
-Најдобрите цртежи на Масин се оние во кои линијата (истата линија-месечарка за која пишувал поетот и цртач Анри Мишо) магиски се одвојува од формата, и водена од силата на некоја нејасна намера, тргнува некаде кон езотеричното. Иако на прв поглед делуваат како спонтана, слободна импровизација, овие цртежи се строго промислени. Тие упатуваат на мудроста дека сите тајни се запишани во нас самите, и дека таму а не надвор од нас – треба и да ги бараме, ќе каже пистаел Јовановиќ Данилов.
Угледната литературна критичарка и теоретичарка, како и универзитетска професорка, Елизабета Шелева оценува дека во актуелната ликовна поетика на Мирослав Масин, неоспорна и забележителна е постапката на стилизација – сведувањето на телесните ликови/форми до фундаментални белези: клун, око, задник, стапало – а потем и нивна слободна хибридизација: неочекувано спојување се до степен на преплетување и/ли стопување на различните тела, животински видови и родови.
-Подложени на процесот на болна трансформациіа, затечените во природата облици, бои, граници – на стилизиран начин, стануваат заемно конгруентни, односно, истргнати од небитие во битие како нови, овојпат хибридни суштества. Во своето позитивно, афирмативно, врз сликарското платно докажано и еднаш засекогаш освоено постоење, пишува Шелева.
Историчарот на уметност Бојан Иванов посочува дека „сопствениот ангажман, Масин го сосредоточува на две основни подрачја: преобразба на цртачките и сликарските оперативни процеси во единствено ликовно искуство и дефинирање на фонд на комуникабилни престави кои што најточно би го посредувале тоа искуство. Првиот сегмент е разрешен вон технолошки кохерентен систем и претставува мешавина на постапки во тек на постојан одбир и прочистување. Тонските акценти и трагите на гестот авторот, додава тој, најчесто ги испишува со молив, фината нерватура е изведено со дрипинг, а стеснетата хроматска скала со збиен контраст е резултат на акварелистичкиот третман на транспарентните пигменти.
-Наслојувањето на техниките во овој случај, му овозможува на Масин да материјализира густо сликарско ткиво во динамичен, но не и неурамнотежен однос со непосредноста на цртачкиот зафат. Во заемодејствие со овие технички претпоставки е обликуван и имагинативниот репертоар на уметникот: низа на гротескни и мајмунолики фигури затекнати во фаза на трансформација од суштества на природата вo суштества на културата. Преставите на Масин зафаќаат од самото дно на несвесното битие, а примитивната енергија на нивната артикулација е соодветно фокусирана во „нечистата” техника на авторот, вели Бојан Иванов.
Дел и од искажувањата на Маја Чанкуловска-Михајловска, која е куратор на изложбата.
-Наметнатите ограничувања и норми, пред се општествени трансформации и насилни мерки на прилагодување и експериментална затвореност се отфрлаат и настанува еден жизнерадосен конгломерат на фрагментирани делови на телото кои врескаат во екстаза и радост, што, од своја страна, е резултат на прифаќањето на самата животна суштина на видот/родот и другоста одразена во сопствената различност. Со и наспроти сите претходни анализи и критики на еволуцијата и цивилизациските вредности, мајмуните (мајмуноликите предци) на Масин се восприемаат како одраз на авторската идеја на нивно доживување и претставување како симбол на слободата и прифаќање на себството, потенцира кураторката Чанкуловска-Михајловска.
Изложбата е дел од Годишната програма на Националната галерија за 2024 година и е финансиски поддржана од Министерството за култура, како и од компании спонзори.
Изложбата ќе биде отворена до 15 јуни 2024 година.