Министерот за здравство Илир Демири го потпишал решението со кое се разрешува медицинскиот директор на Клиниката за Токсикологија, доктор Данил Петровски.
Решението денес пристигнало во правните служби на Клиниката, а за разрешувањето добивме потврда и од министерството и од директорот Петровски.
Од министерството за здравство само кусо соопштија дека тој е разрешен поради „неправилности во работата“ без да прецизираат за што точно станува збор, и кои членови од Законот тој ги прекршил.
Директорот Петровски потврди дека е информиран од правната служба за неговото разрешување, но не сакаше да даде изјава. Вели дека ќе го чека образложението на решението пред да даде било каков коментар. Не ја исклучува можноста да е разрешен бидејќи дежурал на Клиниката во период кога е на одмор а тоа го сторил исклучиво поради недостиг на кадар.
Од министерството нема најава дека ќе се повика на одговорност организациониот директор Бесија Иљази или дали се истражуваат наводите за лошо менаџирање со финансиите на Клиниката.
Дали разрешувањето доаѓа по отворениот судир меѓу Петровски и Иљази околу договорите на единаесетмина вработени кои истекоа кон крајот на минатата година но тие продолжија да доаѓаат на работа во Клиниката иако за дел од нив дискутабилна беше способноста да извршуваат работни задачи поради несоодветното образование.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат влезе во Клиниката за Токсикологија и констатираше дека овие лица незаконски извршувале работни задачи и даде наредба да им биде забранет влезот, а доколку не се почитува ваквото решение, ќе следуваат казни. Решението го потпиша директорот Петровски, но не и Иљази.
Клиниката за Токсикологија во изминатите еден и пол месец беше во фокусот на јавноста поради низа скандали, беше поплавена. Откриени беа обиди за лажирање на резултати, зголемување на долговите, а дел од вработените се пожалија и за работењето на организациската директорка. Иљази која седна на директорското столче еден ден пред формирањето на техничката Влада и на работа оди со преведувач.