Годинава економијата ќе порасне за 2,6%, додека следната ќе забележи раст од 3,6%

Македонската економија оваа година ќе порасне за 2,6%, а во наредната година ќе порасне за 3,6%. Инфлацијата која почна да забавува минатата година ќе го продолжи трендот и ќе достигне 3,5%.

На среден рок инфлација се очекува да се сведе на историскиот просек од околу 2 отсто. Ова го предвидува Народната банка во новата пролетна макероекономска проекција.

Со есенските макроекономски проекции, централната банка за годинава предвиде раст од 3% и инфлација од 3,5 до 4 отсто. На среден рок за 2025 и 2026 година, беше предвиден раст на БДП од 4% и инфлација од околу 2%.

Како што образложи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска во однос на проекциите на растот на БДП, пониските проекции се должиат на послабиот раст минатата година особено кај инвестициите кои забележаа пад од 16,7 %, иако се очекуваше нивно зголемување, а исто така и поради послабите резултати во првиот квартал годинава.

Исто така влијание имаа и надолните проекции на глобално ниво особено кај нашите главни трговски партнери.