Работни групи на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ на преговори за идната влада

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ВРЕДИ денеска треба да ги продолжат разговорите на ниво на работни групи за евентуално коалицирање во идната влада, откако викендот ги договорија општите начела за соработка.

– Соработката ќе се базира на три постулати: евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото. – Заклучено е дека двете страни ќе формираат работни групи, на кое ниво ќе продолжат разговорите до нивно финализирање, информираше ВМРО-ДПМНЕ по средбата што се одржа завчера во штабот на ВРЕДИ.

На средбата присуствуваа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со партиските потпретседатели и лидерите од партиите во Коалицијата ВРЕДИ – Арбен Таравари, Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши.

Од коалицијата ВРЕДИ по средбата оценија дека преговорите се одвиваат во позитивна и вистинска насока.

Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоено најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ – 18, Коалицијата ВРЕДИ – 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по 6 пратенички мандати.

За изборните резултати до ДИК се поднесени 27 приговори.