Судот во Софија го осуди 34-годишниот бугарски државјанин С.Б. на 4 месеци условна затворска казна, која ќе стане ефективна доколку стори друго кривично дело во рок од 3 години, поради недоличните коментари објавени на социјалната мрежа Фејсбук за несреќата на автобусот на „Беса Транс“ во Бугарија.
Обвинението против С.Б. е поради „ширење омраза“.
С.Б. на 23 ноември 2021 година околу 11 часот во група на Фејсбук објавил содржина со која ширел омраза на „основа на национална и етничка припадност кон македонскиот етнос“. Тој кон објавената содржина прикачил и фотографија од опожарениот автобус на „Беса Транс“ на автопатот „Струма“, информираат од обвинителството на Бугарија.
Обвинетиот пред Судот го признал делото. Казната е ефективна и тој нема право на жалба.