
2.150 евра за три месеци: ДЗС бара поранешни полицајци, војници и пожарникари да се вклучат во борба со пожарите
Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) упати јавен повик до поранешни припадници на полицијата, Армијата и противпожарните единици да се вклучат во претстојната сезона на гаснење пожари на отворен простор и шумски пожари. За ангажман од три месеци, заинтересираните ќе добиваат по 44.000 денари месечно нето, односно вкупно 132.000 денари или околу 2.150 евра.
Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) упати јавен повик до поранешни припадници на полицијата, Армијата и противпожарните единици да се вклучат во претстојната сезона на гаснење пожари на отворен простор и шумски пожари. За ангажман од три месеци, заинтересираните ќе добиваат по 44.000 денари месечно нето, односно вкупно 132.000 денари или околу 2.150 евра.
Според повикот, ДЗС има потреба од возачи на специјални противпожарни возила, оператори на противпожарни пумпи вградени во возилата, како и оператори со противпожарни водни ранци и метли.
Станува збор за ангажман на лица кои имаат најмалку пет години искуство во полицијата, Армијата или противпожарните служби, без разлика дали се пензионирани или од други причини ги напуштиле овие институции.
Од Дирекцијата информираат дека работното време ќе биде прилагодено на потребите на теренот и ќе зависи од обемот на пожарите. Ангажираните лица ќе бидат повикувани кога ќе има зголемен ризик и потреба од интервенции, а слободните денови ќе се усогласуваат според состојбите на теренот и потребите на персоналот.
„Дојдете, помогнете и заработете 2.150 евра за три месеци во текот на летото, гаснејќи ги пожарите на отворен простор кои претстојат пред нас“, се наведува во повикот на ДЗС.
За пензионираните кандидати е нагласено дека нивната пензија нема да биде прекината, туку ќе продолжи редовно да се исплаќа, додека надоместокот за ангажманот ќе го добиваат дополнително преку договор на дело.
Дирекцијата ќе обезбеди здравствени прегледи, проверка на психофизичката подготвеност, кратка противпожарна обука, униформи и неопходна опрема. По завршувањето на обуката, ангажираните лица најпрво ќе бидат вклучени во полесни интервенции, а потоа и во посложени акции за гаснење пожари низ целата држава.
Во рамки на акцијата ќе бидат користени 22 специјални возила „Пинцгауер“, пет „Хермелини“ и 15 пренаменети БТР возила за противпожарни намени.
Повикот го објави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, во пресрет на летната сезона, кога традиционално се бележи зголемен број пожари на отворен простор и шумски пожари низ земјава.